Броеви (4 Moj.) 18:23-29 MKB

23 Само левитите нека ја извршуваат службата во Шаторот на средбата; и тие нека бидат одговорни за својата вина. Тоа е вечен закон за вашите поколенија; нека немаат имот среде Израелевите синови.

24 Бидејќи десетокот на Израелевите синови, што Му го подаруваат на Господа како воздигнат принос, им го давам во дел на левитите; затоа и им реков: ‘Тие нека не добиваат дел меѓу Израелевите синови.’”

25 Господ му рече на Мојсеја:

26 „Зборувај им на левитите и речи им: ‘Кога ќе примите десеток од Израелците, што Јас од нив ви го давам во наследство, тогаш: принесете Му вие од тоа на Господа воздигнат принос: десеток од десетокот.

27 Приносот ќе ви биде засметан како жито од гумно и како вино од бочва.

28 Исто така принесете Му воздигнат принос на Господа и од сите свои десетоци што ги примате од Израелевите синови. Од тоа дајте му го Господовиот воздигнат принос на свештеникот Арон.

29 Принесувајте Му воздигнат принос на Господа од сите дарови што ќе ги примате; од сè она што е најдобро - оној дел што треба да биде осветен.’