Броеви (4 Moj.) 19:1-7 MKB

1 Господ им рече на Мојсеја и Арона:

2 „Ова е законска одредба што Господ ја нареди: Кажи им на Израелевите синови нека ти доведат црвена јуница, здрава, на која нема недостатоци и врз која уште не е ставено јарем.

3 А вие предајте ја на свештеникот Елеазар. Потоа нека ја изведат надвор од логорот и нека ја заколат пред него.

4 Свештеникот Елеазар нека земе од нејзината крв на својот прст па со неа нека попрска седумпати кон предната страна на Шаторот на средбата.

5 Потоа јуницата нека биде запалена пред неговите очи; нека и ги изгорат: кожата, месото, крвта и нечистотата.

6 Потоа свештеникот нека земе кедрово дрво, босилек и црвено предено и нека ги фрли во средината на огнот, каде гори јуницата.

7 Свештеникот нека ја испере својата облека и нека го искапе своето тело во вода. Потоа свештеникот нека се врати во логорот, но нека биде нечист до вечерта.