Броеви (4 Moj.) 21:2-8 MKB

2 Тогаш Израел вака Му се заветува на Господа: „Ако го предадеш во мои раце овој народ, наполно ќе ги разурнам неговите градови.”

3 Господ го послуша гласот на Израел и му ги предаде Ханаанците. А Израел ги уништи нив и нивните градови со „истребување”. Затоа она место беше наречено Орма (Проклетство).

4 Од гората Ор се запатија кон Црвеното Море за да ја заобиколат Едомската Земја. Патем народот стана нетрпелив.

5 И почна да зборува и против Бога и против Мојсеја: „Зошто нè изведовте од Египет, за да изумреме во оваа пустина? Нема леб, нема вода, а тоа бедно јадење веќе им се згади на нашите души.”

6 Тогаш Господ испрати лути змии против народот; тие ги каснуваа, така што изумре многу народ во Израел.

7 Народот дојде при Мојсеја и рече: „Згрешивме кога зборувавме против Господа и против тебе. Помоли Му се на Господа да ги отстрани змиите од нас!” Мојсеј се помоли за народот,

8 и Господ му рече на Мојсеја: „Направи отровница и стави ја на столб: секој кој ќе биде каснат, ќе остане жив ако ја погледне.”