Броеви (4 Moj.) 22:31-37 MKB

31 Тогаш Господ му ги отвори очите на Валаама, и тој го виде Господовиот Ангел како што стои на патот, со гол меч во раката. Тој ја наведна главата и му се поклони.

32 Тогаш Господовиот Ангел му рече: „Зошто ја биеше веќе трипати твојата ослица? Па јас истапив за да те спречам, зашто, пред моите очи, патот те води во пропаст.

33 Ослицата ме забележа и се отстрани од мене сите трипати. Ако не ми се отстрануваше, веќе ќе те убиев, а неа ќе ја оставев жива.”

34 Тогаш Валаам му рече на Господовиот Ангел: „Согрешив! Не знаев дека ти стоиш на патот пред мене. Но сега, ако е зло во твоите очи, јас ќе се вратам.”

35 Но Господовиот Ангел му одговори на Валаам: „Оди со луѓето, но зборувај само она што јас ќе ти кажам.” Така Валаам отиде со Валаковите првенци.

36 Кога Валак чу дека доаѓа Валаам, му излезе во пресрет до градот Моав што се наоѓа на границата на Арнон, на крајот на подрачјето.

37 „Зар не праќав упорно по тебе и те повикував? Зошто не ми дојде? - му рече Валак на Валаама. Зар навистина не можам да те наградам богато?”