Броеви (4 Moj.) 24:1-7 MKB

1 Кога Валаам забележа дека Му е мило на Господ да го благословува Израел, не сакаше веќе да оди во потрага по знаци за баење, туку се сврти со лицето кон пустината.

2 Валаам ги подигна очите и го виде Израел зашаторен по неговите племиња. Божји Дух слезе на него,

3 и тој ја почна својата песна па рече: „Пророштво на Валаам, син Веоров, пророштво на човек со прониклив поглед;

4 пророштво на оној, кој ги слуша Божјите слова, кој го виде видението на Сèмоќниот, кој паѓа како во сон, а очите му се отвораат:

5 Колку ти се прекрасни шаторите, Јакове, и твоите живеалишта Израеле!

6 Како долини што се тегнат, Како градини покрај речниот брег; како мирисливи дрва, посадени од Господа, како кедри покрај водите!

7 Вода ќе се излее од неговото ведро и неговото семе ќе биде во силни води. Неговиот цар ќе го надвиши Агаг, неговото царство се воздига.