Броеви (4 Moj.) 36:2-8 MKB

2 рекоа: „Господ му нареди на нашиот господар да ја даде, со жрепка, оваа земја во наследство на Израелевите синови; натаму, Господ му нареди на нашиот господар да им го даде наследството на нашиот брат Салпад на неговите ќерки.

3 Но ако тие се омажат за некој од друго израелско племе, тогаш нивното наследство ќе биде оттргнато од нашето дедовско наследство и ќе биде приклучено кон наследството на племето на кое тие ќе му припаднат. Така ќе биде одземено наследството што со жрепка ни припадна нам.

4 А кога ќе настапи јубилејната година на Израелевите синови, делот на тие жени ќе му се додаде на делот на племето на кое ќе му припаднат. Така нивното наследство ќе биде одземено од наследството на нашето прадедовско племе.”

5 И по Господова заповед Мојсеј им нареди на Израелците: „Племето на Јосифовите синови зборува право.

6 Ова го наредува Господ за Салпадовите ќерки: Тие нека се мажат за оној, кој ќе им изгледа добар, само нека се мажат во родот на своето татковско племе.

7 Наследството на Израелевите синови не смее да се пренесува од едно племе на друго; и секој Израелец треба да остане приврзан за прадедовското наследство на своето племе.

8 Затоа секоја девојка, која ќе добие наследство во Израелевите племиња треба да се омажи за некој во племето на кое му припаѓа татковиот и род, така што секој Израелец ќе го запази наследството на татка си.