Броеви (4 Moj.) 4:14-20 MKB

14 Нека го положат врз него сиот прибор што се употребува во службата: кадилниците, вилушките, лопатчињата и чиниите - сите садови за жртвеникот. Тогаш нека распрострат преку него покривка од јазовечка кожа. Потоа нека ги наместат носилата.

15 Откако Арон и неговите синови ќе го завршат покривањето на Светилиштето и на сите свети садови, во часот кога логорот ќе тргне на пат, нека дојдат Каатовите потомци и нека го земат тоа со себе. Но не смеат да се допираат до светите предмети, за да не загинат. Каатовите синови ќе ги носат овие делови на Шаторот на средбата.”

16 „А Елеазар, синот на свештеникот Арон, нека се грижи за маслото за светилниците, за мирисливиот темјан, за постојаниот лебен принос и за маслото за помазание; нека се грижи за сиот Шатор, за сè што е во него - за Светилиштето и за неговиот намештај.”

17 Господ им рече на Мојсеја и на Арона:

18 „Не дозволувајте да го снема племето на Каатовите родови меѓу левитите.

19 Постапувајте вака со нив, за да не умрат, кога пристапуваат кон Светината над светините нека дојдат Арон и неговите синови за да го постават секого од нив на неговата служба и на неговата должност.

20 Тие никогаш нека не влегуваат ниту да ја погледнат Светината, кога ја покриваат, за да не загинат.”