12 Захарија се вознемири кога го виде и страв го обзеде.
13 Но ангелот му рече: „Не плаши се, Захарија, зашто твојата молба е услишена и жена ти Елисавета ќе ти роди син и ќе му ставиш име Јован.
14 И ќе ти биде радост и веселие; мнозина ќе се зарадуваат заради неговото раѓање.
15 Зашто тој ќе биде голем пред Господа и нема да пие вино ниту жесток пијалак, а ќе се исполни со Дух Свети уште во утробата на мајка си;
16 и многу Израилеви синови ќе ги обрати кон нивниот Господ Бог;
17 и тој ќе оди пред Него во духот и силата на Илија, за да ги сврти срцата на татковците кон децата, и непокорните кон мудроста на праведните, па да Му подготви на Господ народ подготвен.“
18 И му рече Захарија на ангелот: „По што ќе го разберам тоа? Јас сум стар, а жена ми е веќе во поодминати години.“