Лука 13 MK2006D

Повик за покајување

1 Во истото време беа присутни и некои, кои Го известија за Галилејците, чија крв Пилат ја смешал со нивните жртви.

2 Исус им одговори и рече: „Мислите ли дека тие Галилејци биле најголемите грешници од сите Галилејци, па затоа така пострадаа?

3 Не, ви велам: но, ако не се покаете, сите така ќе изгинете!

4 Или мислите дека оние осумнаесет души, врз кои падна Силоамската кула и ги уби, беа највиновни од сите други што живеат во Ерусалим?

5 Не, ви велам: но ако не се покаете, сите така ќе изгинете.“

Парабола за неплодната смоква

6 И ја кажа оваа парабола: „Некој човек имаше во своето лозје посадена една смоква, па дојде да бара од неа род, но не најде.

7 Тогаш му рече на лозарот: ‚Ете, три години доаѓам и барам плод на оваа смоква, и не наоѓам; пресечи ја; зошто само да ја испостува земјата.‘

8 А тој му одговори и рече: ‚Господаре, остави ја и оваа година, додека да ја опкопам и ѝ ставам ѓубре;

9 па, можеби ќе даде род; а ако не даде, тогаш отпосле ќе ја пресечеш.‘“

Исцелувањето на згрчената жена

10 Во една од синагогите Тој поучуваше во сабота.

11 И ете, беше таму една жена која имаше дух на немоќ веќе осумнаесет години. Таа беше згрчена и никако не можеше да се исправи;

12 штом ја виде Исус, ја повика и ѝ рече: „Жено, ослободена си од немоќта своја.“

13 И ги стави рацете Свои врз неа; и таа веднаш стана и Го славеше Бога.

14 А старешината на синагогата, негодувајќи што ја излекува Исус во саботен ден, одговори и му рече на народот: „Има шест дена во кои треба да се работи; тогаш доаѓајте и лекувајте се, а не во сабота!“

15 Но Господ му одговори и рече: „Лицемере, не го одврзува ли секој својот вол, или магаре, од јаслите во саботен ден и не го води ли да го напои?

16 А оваа ќерка Авраамова, што ја врзал сатаната еве веќе осумнаесет години, зарем не требаше да се ослободи од тие ланци во сабота?“

17 И штом го рече ова, сите што беа против Него се засрамија; и целиот народ се радуваше за сите славни дела извршени од Него.

Парабола за синаповото зрно

18 А Тој рече: „На што прилега царството Божјо и со што да го споредам?

19 Тоа е како синапово зрно, што го зема човек и го посадува во градината своја, каде што израстува и станува големо дрво; па и птиците небески се вгнездуваат на неговите гранки.“

Споредба со квасецот

20 И пак рече: „Со што да го споредам царството Божјо?

21 Тоа прилега на квас што го зема жена и го става во три мери брашно, додека скисне сето.“

Тесната врата

22 И по патот за Ерусалим минеше низ градови и села и поучуваше.

23 Некој, пак, Му рече: „Господи, малку ли се оние што ќе бидат спасени?“ А Тој рече:

24 „Потрудете се да влезете низ тесната врата; зашто ви велам: мнозина ќе сакат да влезат и не ќе можат.

25 Кога ќе стане домаќинот и ќе ја затвори вратата на куќата, а вие, стоејќи однадвор, ќе почнете да чукате и да викате: ‚Господи, Господи, отвори ни!‘ Тој ќе ви одговори и ќе ви рече: ‚Не ве познавам од каде сте!‘

26 Тогаш ќе почнете да зборувате: ‚Ние јадевме пред Тебе и пиевме; и по нашите улици Ти поучуваше.‘

27 А Тој ќе рече: ‚Ви велам: не ве познавам од каде сте; отстапете од Мене сите што вршите неправда!‘

28 Таму ќе настане плач и шкрипење со заби, кога ќе го видите Авраам, Исак и Јаков и сите пророци во царството Божјо, а себе – истерани надвор.

29 И ќе дојдат од исток и запад, и север и југ, и ќе седнат на трпезата во царството Божјо.

30 И така, има последни што ќе бидат први, а има и први што ќе бидат последни.“

Исус и Ерусалим

31 Во тој ден пристапија некои фарисеи и Му рекоа: „Излези и оди си одовде, зашто Ирод сака да Те убие!“

32 И им рече: „Одете и кажете ѝ на таа лисица: еве, истерувам демони и исцелувам денес и утре – а на третиот ден ќе завршам;

33 но Јас треба да врвам денес, утре и задутре, бидејќи не може пророк да загине надвор од Ерусалим.

34 Ерусалиме, Ерусалиме, ти што ги убиваш пророците и ги каменуваш пратените кај тебе. Колкупати сакав да ги соберам чедата твои како што квачка ги собира пилињата свои под крилја, но не сакавте.

35 И ете, ви се остава пуст вашиот дом. И Јас ви велам дека нема да Ме видите сѐ додека не дојде времето да кажете: ‚Благословен е Оној Кој доаѓа во името Господово!‘“

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24