1 Во тоа време излезе заповед од царот Август за попис на сите жители.
2 Тоа беше прв попис за време на управувањето на Квириниј со Сирија.
3 И одеа сите да се запишат, секој во својот град.
4 Па така и Јосиф од Галилеја, од градот Назарет, отиде во Јудеја, во градот Давидов, наречен Витлеем, бидејќи беше од домот и племето Давидово,
5 за да се запише со Марија, неговата свршеница, која беше зачнала.
6 А кога беа таму, нејзе ѝ дојде времето да роди.
7 Го роди својот Син првенец, Го пови и Го положи во јасли, зашто за нив немаше место во гостилницата.
8 Во тој крај имаше пастири, кои престојуваа во полето и чуваа стража ноќе кај своето стадо.
9 И ете, ангел Господов застана меѓу нив и славата Господова ги осветли; и се уплашија многу.
10 А ангелот им рече: „Не плашете се! Еве, ви навестувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе;
11 зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ;
12 Ова ќе ви биде знак: ќе најдете повиен Младенец, кој лежи во јасли.“
13 И одеднаш со ангелот се јави многубројно небесно воинство, кое Го славеше Бога, велејќи:
14 „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!“
15 Кога си отидоа ангелите од нив на небо, пастирите си рекоа меѓу себе: „Да појдеме во Витлеем и да го видиме тоа што се случило, што ни го соопшти Господ.“
16 И дојдоа брзо и ги најдоа Марија и Јосиф со Младенецот кој лежеше во јасли.
17 А штом го видоа, соопштија за сѐ што им беше речено за Тоа Дете.
18 И сите што слушаа се восхитуваа на она што им го говореа пастирите.
19 А Марија ги зачува сите тие зборови, сложувајќи ги во срцето свое.
20 И се вратија пастирите, славејќи Го и фалејќи Го Бога за сѐ она што чуја и видоа, како што им беше речено.
21 А кога се навршија осум дена и Детето требаше да Го обрезат, Му дадоа име Исус, како што беше наречено од ангелот уште пред да биде зачнат во утробата.
22 И кога се навршија деновите за нивното очистување, според законот на Мојсеј, Го донесоа во Ерусалим за да Го претстават пред Господ,
23 како што е напишано во Законот Господов дека секое првородено машко дете треба да Му се посвети на Господ;
24 и да се принесе жртва, како што е речено во Законот Господов, две гугутки или две гулапчиња.
25 А во Ерусалим имаше тогаш еден човек по име Симеон; и тој човек, кој беше праведен и благочестив, ја очекуваше утехата Израилева; и Светиот Дух беше на него.
26 Нему Светиот Дух му беше открил дека нема да види смрт, додека не Го види Христос Господов.
27 И поттикнат од Духот, дојде во храмот. Па, кога родителите Го донесоа детето Исус за да го извршат со Него она што беше вообичаено, според Законот,
28 тој Го зеде во своите раце, Го благослови Бога и рече:
29 „Сега го отпушташ Својот слуга во мир, Господаре, според зборот Твој,
30 зашто очите мои го видоа спасението Твое
31 што си го приготвил пред лицето на сите народи;
32 светлина за просвета на незнабошците и слава на Твојот народ, Израил.“
33 А Јосиф и мајка Му се восхитуваа на она што зборуваше за Него.
34 Па ги благослови Симеон и ѝ рече на Марија, мајката Негова: „Еве, Овој е поставен за паѓање и издигнување на мнозина во Израил, и е знак против Кого ќе се говори.
35 А и тебе самата, меч ќе ти ја прободе душата, за да се откријат мислите на многу срца.“
36 Таму беше и пророчицата Ана, ќерката Фануилова, од Асировото племе. Таа беше во поодминати години, а со мажот проживеала само седум години, по моминството свое.
37 Таа беше вдовица на околу осумдесет и четири години. Не се оддалечуваше од храмот и Му служеше на Бога со пост и молитва, дење и ноќе.
38 Во тој час пристапи и таа и почна да Го слави Господ и им говореше за Него на сите што очекуваа избавување во Ерусалим.
39 И кога извршија сѐ по Законот Господов, се вратија во Галилеја, во градот свој Назарет.
40 А Младенецот растеше и крепнеше со духот, исполнувајќи се со мудрост; и благодатта Божја беше врз Него.
41 И секоја година родителите Негови одеа во Ерусалим на празникот Пасха.
42 А кога Тој беше на дванаесет години, тие отидоа во Ерусалим, според обичајот на празникот.
43 Но, кога се завршија празничните денови, додека се враќаа дома, детето Исус остана во Ерусалим; а Јосиф и мајка Му не го забележаа тоа.
44 Мислејќи дека е Тој меѓу сопатниците, изминаа еден ден пат и почнаа да Го бараат меѓу роднините и познатите.
45 Па, бидејќи не Го најдоа, се вратија во Ерусалим да Го бараат.
46 По три дни Го најдоа во храмот како седи меѓу учителите, ги слуша и ги прашува;
47 сите што Го слушаа, беа восхитени од остроумноста и од одговорите Негови!
48 Кога Го видоа, се зачудија; и Неговата мајка Му рече: „Синко, зошто ни направи така? Ете, татко ти и јас со голема болка Те баравме.“
49 А Тој рече: „Што сте Ме барале? Зар не знавте дека Јас треба да бидам во она коешто е на Мојот Отец?“
50 Но тие не ги разбраа зборовите што им ги кажа Тој.
51 И Тој слезе со нив, па дојде во Назарет и им беше послушен. А мајка Му ги зачува сите тие настани во срцето свое.
52 Исус, пак, напредуваше во мудроста и возраста и во милост кај Бога и кај луѓето.