Лука 18 MK2006D

Парабола за вдовицата и судијата

1 Им кажа и една парабола како треба секогаш да се молат и да не паѓаат со духот.

2 И рече: „Во некој град си беше еден судија, кој од Бога не се плашеше, ниту од луѓето се срамуваше.

3 Во истиот град живееше една вдовица и доаѓаше кај него, велејќи: ‚Заштити ме од мојот противник!‘

4 Но тој за долго време не сакаше. Најпосле си рече во себе: ‚Иако од Бога не се плашам и од луѓето не се срамувам,

5 но, бидејќи оваа вдовица не ми дава мир, ќе ја заштитам, за да не доаѓа повеќе и да не ми додева.‘“

6 И рече Господ: „Чујте што зборува несправедливиот судија!

7 Зарем Бог нема да ги одбрани Своите избраници, што викаат кон Него дење и ноќе; макар и да забави?

8 Ви велам, ќе ги одбрани набргу. Но Синот Човечки, кога ќе дојде, ќе најде ли вера на земјата?“

Парабола за фарисејот и цариникот

9 А на оние што беа уверени за себе дека се праведни и ги презираа другите, им ја кажа оваа парабола:

10 „Два човека влегоа во храм да се помолат: едниот фарисеј, а другиот цариник.

11 Кога застанаа, фарисејот вака се молеше во себе: ‚Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе; грабливци, несправедливи, прељубници, или како овој цариник.

12 Постам двапати во седмицата, давам десеток од сѐ што ќе стекнам.‘

13 А цариникот стоеше оддалеку; не смееше дури и очите да ги подигне кон небото, туку се удираше в гради и велеше: ‚Боже, биди милостив спрема мене грешниот!‘

14 Ви велам: тој си отиде дома повеќе оправдан, отколку оној, зашто секој што самиот себе се возвишува, ќе биде понизен, а кој се понизува себе самиот, ќе биде возвишен.“

Исус ги благословува малите деца

15 Кај Него донесуваа и мали деца за да ги допре; а учениците, штом ќе видеа, им забрануваа.

16 Но тогаш Исус ги повика и им рече: „Оставете ги децата да доаѓаат кај Мене, и не ги спречувајте, зашто на таквите е царството Божјо!

17 Вистина ви велам: кој нема да го прими царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него.“

Богатиот човек

18 И Го праша еден управник, велејќи: „Учителе добар, што да направам за да наследам живот вечен?“

19 А Исус му рече: „Зошто Ме нарекуваш добар? Никој не е добар, освен Единиот Бог.

20 Ги знаеш заповедите: не прави прељуба, не убивај, не кради, не сведочи лажно, почитувај ги татко си и мајка си.“

21 А тој рече: „Сето тоа сум го запазил уште од младоста своја.“

22 Штом го слушна тоа, Исус, му рече: „Уште едно само ти недостасува: продај сѐ што имаш и раздај го на сиромаси, и ќе имаш ризница на небото; потоа дојди и врви по Мене!“

23 А тој, кога го слушна тоа, многу се нажали, зашто беше многу богат.

24 Штом виде дека тој се растажи, Исус рече: „Колку е тешко во царството Божјо да влезат оние што имаат богатство!

25 Полесно ѝ е на камила да мине низ иглени уши, отколку богат да влезе во царството Божјо.“

26 Оние што го чуја тоа, рекоа: „Тогаш кој може да се спаси?“

27 А Тој одговори: „Неможното за луѓето е можно за Бога.“

28 Петар, пак, рече: „Ете, ние оставивме сѐ и тргнавме по Тебе.“

29 Тој им рече: „Вистина ви велам, нема никој којшто оставил куќа или родители, или браќа, или сестри, или жена, или деца, заради царството Божјо,

30 а да не добил многу повеќе од тоа во ова време, а во идниот век – и живот вечен.“

Исус по третпат ја навестува Својата смрт и воскресение

31 И кога ги зеде со Себе Дванаесетмината, им рече: „Еве, се искачуваме кон Ерусалим и сѐ ќе се исполни, што напишале пророците за Синот Човечки:

32 дека ќе биде предаден на незнабошци и ќе се потсмеваат со Него, ќе Го измачуваат и ќе Го плукаат,

33 ќе Го бијат и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.“

34 Но тие ништо од ова не разбраа; овие зборови за нив беа сокриени и тие не сфатија што им кажа.

Прогледувањето на слепиот

35 А додека се приближуваше Тој до Ерихон, еден слеп човек седеше крај патот и просеше;

36 и штом чу дека покрај него минува народ, се распрашуваше: „Што е тоа?“

37 Му кажаа дека минува Исус од Назарет.

38 Тогаш тој извика и рече: „Исусе, Сине Давидов, смилувај ми се!“

39 Оние што одеа напред, го опоменаа да молчи; но тој уште погласно викаше: „Сине Давидов, смилувај ми се!“

40 Исус застана и заповеда да Му го доведат. И кога му пријде, го праша,

41 велејќи: „Што сакаш да ти направам?“ Тој рече: „Господи, да прогледам!“

42 Тогаш Исус му рече: „Прогледај! Верата твоја те спаси.“

43 И одеднаш прогледа и тргна по Него, славејќи Го Бога. И сиот народ, кога го виде тоа, Му воздаде слава на Бога.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24