1 Кога ги подигна очите, виде како богатите ги пуштаат своите прилози во ризницата на храмот.
2 Виде исто така и една бедна вдовица, која пушти таму две лепти,
3 па рече: „Вистина ви велам, оваа бедна вдовица од сите повеќе приложи;
4 сите овие дадоа прилози на Бога од својот вишок; таа, пак, пушти од својата немаштија – сиот имот што го имаше.“
5 И додека некои зборуваа за храмот, дека е украсен со убави камења и заветни дарови, Тој им рече:
6 „Ќе дојде време во кое од сето ова што го гледате нема да остане ниту камен, што не ќе биде урнат.“
7 И Го прашаа, говорејќи: „Учителе, а кога ќе биде тоа и каков е знакот дека тоа почнува да се случува?“
8 Тој рече: „Внимавајте да не ве прелажат! Зашто мнозина ќе дојдат под Мое име и ќе зборуваат дека сум Јас, и дека времето се приближи. Но, не одете по нив!
9 А кога ќе чуете за војни и бунтови, не плашете се; сето тоа треба најнапред да се случи, но крајот е веднаш.“
10 Тогаш им рече: „Ќе се крене народ против народ и царство против царство;
11 а на некои места ќе има и големи потреси, и глад и помор; ќе има страотни појави и големи знаци на небото.
12 А пред сето тоа ќе стават раце на вас и ќе ве гонат, предавајќи ве во синагогите и затворите, и ќе ве водат пред цареви и управници, заради Моето име.
13 И тоа ќе ви биде вам за сведоштво.
14 И затоа врежете во вашите срца, да не размислувате однапред што ќе одговорите,
15 зашто Јас ќе ви дадам уста и мудрост, на која не ќе можат да ѝ противречат ниту да ѝ се противстават сите ваши противници.
16 Ќе бидете предадени исто така и од родители, и од браќа, и од роднини и од пријатели, а некои од вас ќе бидат и убиени;
17 и ќе бидете намразени од сите, заради Моето име.
18 Но, ниту влакно од главата ваша нема да загине;
19 со трпение спасувајте ги душите свои.“
20 „А кога ќе го видите Ерусалим опколен од војски, тогаш знајте дека е блиску неговото запустување.
21 Тогаш, оние што се наоѓаат во Јудеја, нека бегаат во планините; и кои се во градот, да излезат од него; а кои се по околните места, нека не влегуваат во него,
22 зашто тоа е времето на одмазда, во кое ќе се исполни сѐ што е напишано.
23 Но тешко на бремените и доилките во тие дни, зашто голема мака ќе има по земјата, и гнев врз овој народ;
24 и ќе паднат од сечилото на мечот, и ќе бидат одведени во ропство меѓу сите народи; а Ерусалим ќе го газат незнабошци, сѐ додека не се исполнат времињата на незнабошците.“
25 „И ќе има знаци на сонцето, и на месечината и на ѕвездите, а на земјата – тага кај народите од неизвесноста и од бучењето на морето, и од брановите;
26 луѓето ќе умираат од страв и од исчекување на она што ќе го снајде светот, зашто и силите небесни ќе бидат разнишани.
27 И тогаш ќе Го видат Синот Човечки како доаѓа на облаци, со голема сила и слава.
28 А кога ќе почне тоа да станува, исправете се и подигнете ги главите свои, зашто се приближува вашето избавување.“
29 И им ја кажа оваа парабола: „Погледнете ја смоквата и сите дрвја;
30 кога ќе видите дека потеруваат, сами знаете дека летото е веќе близу.
31 Па така, кога ќе видите дека станува ова, знајте дека се приближи царството Божјо.
32 Вистина ви велам, нема да помине овој род, додека не се исполни сето тоа.
33 Небото и земјата ќе минат, но зборовите Мои нема да минат.“
34 „Само пазете се: вашите срца да не бидат натежнати од прејадување и пијанство, и тегобни грижи за овој живот, за да не ве затекне оној ден ненадејно;
35 зашто тој ќе дојде како стапица за сите што живеат по целата земја;
36 бидете будни во секое време и молете се, за да се удостоите да го избегнете сето она што треба да се случи и да застанете пред Синот Човечки!“
37 Дење Тој беше во храмот и поучуваше, а ноќе излегуваше и ноќеваше во гората наречена Маслинова.
38 И сиот народ доаѓаше наутро кај Него во храмот, за да Го слуша.