Лука 19 MK2006D

Исус и Закхеј

1 Потоа влезе Исус во Ерихон и минуваше низ него.

2 И ете, еден човек по име Закхеј, кој беше началник на цариниците, и беше богат,

3 настојуваше да види Кој е Тој Исус, но не можеше од народот, зашто беше низок по раст.

4 Затоа потрча напред и се качи на една дива смоква за да Го види, бидејќи покрај неа требаше да помине.

5 Исус, пак, кога дојде на тоа место, погледна нагоре, го виде и му рече: „Закхеј, слези побргу, зашто денес треба да бидам во твојот дом.“

6 И тој веднаш слезе и Го прими со радост.

7 И сите, кога го видоа тоа, негодуваа и рекоа: „Отиде да гостува кај грешен човек.“

8 А Закхеј застана и Му рече на Господ: „Господи, еве половината од својот имот ќе ја дадам на сиромаси; и ако некого сум оштетил, четворно ќе вратам.“

9 А Исус му рече: „Денес дојде спасението за овој дом, зашто и тој е син Авраамов.

10 Зашто Синот Човечки дојде да го побара и да го спаси она што е загубено.“

Парабола за доверените златници

11 А на оние што го слушаа ова, им кажа и една парабола, бидејќи беше близу до Ерусалим и тие мислеа дека веднаш ќе се појави царството Божјо,

12 па рече: „Еден благородник заминуваше во далечна земја да прими царска власт за себе и потоа да се врати.

13 Тогаш ги повика своите десет слуги, им даде десет мини и им рече: ‚Тргувајте со нив, додека да се вратам!‘

14 Но граѓаните го мразеа и испратија по него пратеници, велејќи: ‚Нејќеме тој да царува над нас.‘

15 А кога се врати, по примањето на царската власт, нареди да ги повикаат оние слуги, на кои им ги беше дал парите, за да види, кој колку спечалил.

16 Дојде првиот и му рече: ‚Господаре, твојата мина заработи десет мини.‘

17 И му рече: ‚Добро, верен слуго; во мала работа беше верен, еве ти власт над десет градови.‘

18 Дојде вториот и рече: ‚Господаре, твојата мина заработи пет мини.‘

19 А тој и нему му рече: ‚И ти биди – над пет градови.‘

20 И друг дојде, велејќи: ‚Господаре, еве ти ја твојата мина, што ја чував заврзана в крпа,

21 зашто се плашев од тебе, бидејќи си строг човек: земаш од каде што не си оставил и жнееш, каде што не си сеел.‘

22 А тој му рече: ‚Со твојата уста ќе ти судам, лукав слуго; ти знаеш дека сум строг човек: земам од каде што не сум оставил и жнеам, каде што не сум сеел;

23 тогаш, зошто не ги даде моите пари кај трговците, та кога ќе се вратам, да си ги соберам сосе добивка?‘

24 Па им рече на присутните: ‚Земете ја од него мината и дајте му ја на оној, што има десет мини!‘

25 И му рекоа: ‚Господаре, тој има десет мини!‘

26 Ви велам дека секому што има ќе му се придаде; а од оној што нема, ќе му се одземе и она што го има.

27 А оние мои непријатели, што не сакаат да царувам над нив, доведете ги тука и погубете ги пред мене!“

Исусовото свечено влегување во Ерусалим

28 Кога го рече тоа, Тој тргна понатаму, искачувајќи се кон Ерусалим.

29 И кога се приближи до Витфагија и Витанија, до таканаречената Маслинова Гора, испрати два ученика,

30 велејќи: „Одете во селоно отспротива. Штом ќе влезете во него, ќе најдете едно врзано магаре, кое ниеден човек не го јавал. Одврзете го и доведете го!

31 И ако ве праша некој: ‚Зошто го одврзувате?‘ Кажете му вака: ‚Тоа Му е потребно на Господа.‘“

32 Кога отидоа испратените, најдоа како што им беше рекол.

33 И кога го одврзуваа магарето, стопаните негови им рекоа: „Зошто го одврзувате магарето?“

34 Тие одговорија: „Потребно Му е на Господа.“

35 И го доведоа кај Исус, па штом ги нафрлија облеките свои на магарето, Му помогнаа на Исус да се качи.

36 И додека минуваше Тој, ги постилаа своите наметки по патот.

37 А кога наближи до подножјето од Маслиновата Гора, сето мноштво ученици почна, радувајќи се, громогласно да Го прославува Бога, за сите чуда што ги видоа,

38 велејќи: „Благословен е Царот Кој доаѓа во името Господово! Мир на небото и слава во висините!“

39 А некои фарисеи од народот Му рекоа: „Учителе, забрани им на учениците Твои!“

40 Но Тој им одговори и рече: „Ви велам, ако тие замолкнат, камењата ќе повикаат.“

Исус плаче за Ерусалим

41 А кога се приближи и го виде градот, заплака над него

42 и рече: „Кога би можел во овој твој ден и ти да го дознаеш она што е потребно за твојот мир! Но тоа е сега сокриено од твоите очи.

43 Зашто ќе дојдат денови за тебе и непријателите твои ќе те опкружат со ровови и ќе те опколат, и ќе те притеснат од сите страни;

44 и ќе те разорат тебе и децата твои во тебе и нема да остават камен на камен од тебе, зашто не си го позна времето кога беше посетен.“

Исус во храмот

45 И кога влезе во храмот, почна да ги гони оние што продаваа и купуваа во него,

46 велејќи им: „Напишано е: ‚Домот Мој е дом за молитва, а вие го направивте разбојничка пештера.‘“

47 И поучуваше секој ден во храмот. А првосвештениците и книжниците, и старешините народни, настојуваа да го погубат,

48 но не пронајдоа како да Му го направат тоа, зашто сиот народ Го слушаше со големо внимание.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24