Лука 7 MK2006D

Верата на еден стотник

1 И кога ги заврши сите Свои зборови кон народот, што слушаше, влезе во Капернаум.

2 А слугата на еден стотник беше тешко болен, на умирање, кого многу го сакаше.

3 Па штом слушна за Исус, ги прати кај Него старешините јудејски, молејќи Го да дојде и да го спаси слугата негов.

4 А тие, кога дојдоа кај Исус, Го молеа усрдно и велеа: „Достоен е да му го направиш тоа,

5 зашто го сака нашиот народ и синагогата тој ни ја направи.“

6 И тргна Исус со нив. А кога беа веќе близу до куќата, стотникот ги прати пријателите кај Него, говорејќи: „Господи, не труди се, зашто не сум достоен да влезеш под мојот покрив;

7 затоа и себеси не се сметав достоен да дојдам кај Тебе; туку кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави;

8 зашто и јас сум човек под власт, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: ‚Оди!‘ – и тој оди; на другиот: ‚Дојди!‘ – и тој доаѓа; и на слугата свој: ‚Направи тоа‘ – и тој прави.“

9 Штом го слушна тоа, Исус се зачуди и кога се заврте кон народот, што врвеше по Него, рече: „Ви велам, ниту во Израил не најдов толкава вера!“

10 А кога испратените се вратија, го најдоа болниот слуга здрав.

Чудото со синот на една вдовица

11 Потоа отиде во градот наречен Наин; и со Него одеа Неговите ученици и многу народ.

12 А кога се приближи до градската порта, ете, изнесуваа мртовец, единствен син на мајка си, а таа беше вдовица; и многу народ од градот одеше со неа.

13 Штом ја виде Господ, се сожали на неа, па ѝ рече: „Не плачи!“

14 И кога прстапи, се допре до носилото; носачите застанаа, а Тој рече: „Момче, тебе ти велам, стани!“

15 Мртовецот се подигна и седна, па почна да зборува; и Тој го предаде на мајка му.

16 И страв ги обзеде сите, и Го славеа Бога и велеа: „Голем пророк се јави меѓу нас“ и „Бог го посети Својот народ.“

17 И се разнесе овој глас за Него по цела Јудеја и по целата околина.

Пратениците на Јован Крстителот

18 И му соопштија на Јован учениците негови за сето тоа.

19 Јован, пак, повика двајца од своите ученици и ги испрати кај Исус, говорејќи: „Ти ли си Оној што треба да дојде, или друг да чекаме?“

20 И кога дојдоа кај него, тие луѓе Му рекоа: „Јован Крстителот нѐ прати кај Тебе, велејќи: ‚Ти ли си Оној што треба да дојде, или друг да чекаме?‘“

21 Во тој час Тој исцели мнозина од болести, и од рани, и од демони, и на мнозина слепи им подари вид.

22 И им одговори Исус и рече: „Одете и кажете му на Јован што видовте и што чувте: слепи прогледуваат, куци проодуваат; лепрозни се очистуваат, глуви прослушуваат, мртви воскреснуваат и на бедни им се проповеда Евангелието;

23 и блажен е оној кој не ќе се соблазни поради Мене.“

Исус говори за Јован Крстител

24 А кога си отидоа учениците Јованови, Тој почна да му зборува на народот за Јован: „Што излеговте да видите во пустината? Трска ли, што се лулее од ветар?

25 Но, што излеговте да видите? Човек ли, облечен во меки алишта? Ете, оние што се облекуваат прекрасно и живеат раскошно, по царски палати се.

26 Туку, што излеговте да видите? Пророк ли? Да, Јас ви велам, и повеќе од пророк.

27 Овој е, за кого што е напишано: ‚Ете, јас го испраќам пред лицето Твое ангелот Мој, што ќе го приготви патот Твој пред Тебе.‘

28 Зашто ви велам: меѓу родените од жена нема ниеден поголем пророк од Јован Крстител; но најмалиот во царството Божјо е поголем од него.“

29 И сите луѓе, што слушаа, па и цариниците, го оправдаа Бога, крштевајќи се со крштевањето Јованово;

30 а фарисеите и закониците ја отфрлија Божјата волја за нив, и не се крстија од него.

31 А Господ рече: „Со кого да ги споредам луѓето од овој род? И кому се слични?

32 Тие личат на деца што седат по пазариштата и довикуваат едно на друго, велејќи: ‚Ви свиревме, а вие сепак не игравте; ви пеевме жални песни и сепак не плачевте!‘

33 Зашто, дојде Јован Крстителот, кој ниту леб јаде, ниту вино пие, а вие велите: ‚Демонот е во него.‘

34 Дојде Синот Човечки, Кој јаде и пие, а вие велите: ‚Еве човек јадач и винопиец, пријател на цариниците и грешниците!‘

35 А Мудроста беше оправдана од сите нејзини чеда.“

Исус и жената грешница

36 Еден од фарисеите Го покани да јаде со него; и Тој, кога влезе во куќата на фарисејот, седна на трпеза.

37 И ете, една жена од градот, која беше грешница, штом дозна дека Тој седи на трпеза во куќата на фарисејот, донесе сад од алабастер со миро;

38 па откако застана одзади покрај Неговите нозе, плачејќи почна да ги мие нозете Негови со солзи и ги триеше со косата своја; и ги целиваше нозете Негови и ги помазуваше со миро.

39 А кога го виде тоа фарисејот, што Го беше поканил, рече во себе, велејќи: „Кога Овој би бил пророк, би знаел која е и каква е оваа жена што Го допира, зашто таа е грешница.“

40 Му одговори Исус и рече: „Симоне, имам нешто да ти кажам.“ А тој рече: „Кажи, Учителе!“

41 Исус му рече: „Некој заемодавец имаше двајца должници: едниот му должеше петстотини денарии, а другиот педесет.

42 Но бидејќи немаа да му вратат, тој им ги подари на обајцата. Кажи, кој од нив повеќе ќе го милува?“

43 Симон одговори и Му рече: „Мислам оној, кому повеќе му подарил.“ А Тој му рече: „Право пресуди.“

44 И тогаш се сврте кон жената, па му рече на Симон: „Ја гледаш ли оваа жена? Влегов во твојот дом, ти ниту вода за нозете не Ми даде, а таа со солзи Ми ги обли нозете и со косата своја ги истри.

45 Ти не ми даде целив, а таа, откако влегов, не престана да ги целива нозете Мои.

46 Ти со масло не ја помаза главата Моја, а таа со миро ги помаза нозете Мои.

47 Затоа ти велам: нејзе ѝ се простени многу гревови, зашто покажа многу љубов. А кому му е простено малку, тој мала љубов има.“

48 Нејзе, пак, ѝ рече: „Простени ти се гревовите!“

49 А оние што седеа со Него на трпезата, почнаа да говорат во себе: „Кој е Овој што и гревови простува?“

50 На жената пак ѝ рече: „Верата твоја те спаси; оди си во мир!“

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24