1 Потоа Господ назначи и други седумдесет и ги испрати пред Себе по двајца во секој град и место, каде што и Сам сакаше да оди,
2 и им рече: „Жетвата е голема, а работниците се малку; затоа молете Го Господарот на жетвата да испрати работници за жетвата Своја.
3 Одете! Ете, Јас ве испраќам како јагненца среде волци.
4 Не носете со себе ниту ќесе, ниту торба, ниту обувки и никого патем не поздравувајте!
5 И во секоја куќа во која ќе влезете, прво кажете: ‚Мир во овој дом!‘
6 Па, ако биде таму синот на мирот, вашиот мир ќе почива на него; инаку, тој ќе се врати во вас;
7 и во таа куќа останете, јадете и пијте што ќе ви дадат; зашто работникот ја заслужува својата награда. Не преместувајте се од куќа в куќа.