23 И откако се сврте кон учениците насамо им рече: „Блажени се очите, кои го гледаат ова што го гледате вие.
24 Зашто ви велам: многу пророци и цареви сакаа да видат што гледате вие, и не видоа; и да чујат што слушате вие, и не чуја.“
25 И ете, стана еден законик, искушувајќи Го, рече: „Учителе, што треба да направам за да наследам живот вечен?“
26 А Тој му рече: „Што е напишано во Законот? Како читаш?“
27 Тој одговори и рече: „Возљуби Го Господ, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сиот свој разум; и својот ближен како себе си!“
28 Му кажа пак: „Добро одговори; тоа прави го и ќе живееш.“
29 Но тој, сакајќи да се оправда, Му рече на Исус: „А кој е мој ближен?“