29 Но тој, сакајќи да се оправда, Му рече на Исус: „А кој е мој ближен?“
30 Исус му одговори и рече: „Еден човек, додека слегуваше од Ерусалим во Ерихон, западна меѓу разбојници. Тие го соблекоа и го претепаа, и си отидоа, оставајќи го полумртов.
31 Случајно во тоа време слегуваше по тој пат еден свештеник и, кога го виде, го одмина.
32 Исто така и еден левит, кога дојде на тоа место, погледна и го одмина.
33 Еден, пак, Самарјанин, кој патуваше, кога дојде до него, го виде и се сожали.
34 И откако пријде, му ги преврза раните, полевајќи ги со масло и со вино. Потоа го качи на добитокот свој, го однесе во гостилница и се погрижи за него.
35 А утредента, на кинисување, извади два денарија, му ги даде на гостилничарот и му рече: ‚Погрижи се за него; а ако потрошиш нешто повеќе, кога ќе се вратам, ќе ти платам.‘