38 И фарисејот се зачуди кога виде дека Тој не си ги изми рацете пред јадење.
39 Но Господ му рече: „Ете, вие фарисеите ја миете чашата и чинијата однадвор, а внатрешноста ви е полна со грабеж и лукавство.
40 Безумници! Оној што го направи надворешното, нели е истиот тој што го направи и внатрешното?
41 Но, давајте милостина од она што е внатре, тогаш сѐ ќе ви биде чисто.
42 Но тешко вам, фарисеи, зашто давате десеток од нане и рута, и од секаков зеленчук, а ги занемарувате правдата и љубовта Божја; ова требаше да го правите, но и она да не го пропуштите.
43 Тешко вам, фарисеи! Зашто сакате да сте на првите места во синагогите и да ве поздравуваат по плоштадите!
44 Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто сте како сокриени гробови, преку кои луѓето одат, а не ги знаат.“