20 „А кога ќе го видите Ерусалим опколен од војски, тогаш знајте дека е блиску неговото запустување.
21 Тогаш, оние што се наоѓаат во Јудеја, нека бегаат во планините; и кои се во градот, да излезат од него; а кои се по околните места, нека не влегуваат во него,
22 зашто тоа е времето на одмазда, во кое ќе се исполни сѐ што е напишано.
23 Но тешко на бремените и доилките во тие дни, зашто голема мака ќе има по земјата, и гнев врз овој народ;
24 и ќе паднат од сечилото на мечот, и ќе бидат одведени во ропство меѓу сите народи; а Ерусалим ќе го газат незнабошци, сѐ додека не се исполнат времињата на незнабошците.“
25 „И ќе има знаци на сонцето, и на месечината и на ѕвездите, а на земјата – тага кај народите од неизвесноста и од бучењето на морето, и од брановите;
26 луѓето ќе умираат од страв и од исчекување на она што ќе го снајде светот, зашто и силите небесни ќе бидат разнишани.