31 И рече Господ: „Симоне, Симоне, ете, сатаната посака да ве сее како пченица;
32 но Јас се молев за тебе за да не се изгуби твојата вера; а ти кога ќе се обратиш, укрепи ги браќата свои!“
33 А тој Му одговори: „Господи, готов сум да одам со Тебе и в затвор, и во смрт.“
34 Но Тој му рече: „Ти велам, Петре, нема денес да запее петелот, додека ти трипати не одречеш дека Ме познаваш.“
35 Па им рече: „Кога ве праќав без ќесе, и без торба, и без обувки, дали ви недостасуваше нешто?“ Тие одговорија: „Ништо.“
36 И им рече: „Но сега, кој има ќесе, нека си го земе, исто така и торба; а кој нема, нека си ја продаде облеката и нека си купи нож;
37 зашто, ви велам, на Мене треба да се исполни и ова од Писмото: ‚И меѓу злосторници Го вброија.‘ Зашто она што се однесува за Мене, се исполнува.“