39 И кога излезе, тргна, како обично, кон Маслиновата Гора; по Него одеа и учениците Негови.
40 А штом дојде на тоа место, им рече: „Молете се за да не паднете во искушение!“
41 И Тој се одвои од нив, колку камен што може да се дофрли, па откако ги преклони колената и се молеше,
42 велејќи: „Оче, кога би сакал да ја тргнеш оваа чаша од Мене! Но нека не биде мојата волја, туку Твојата!“
43 И му се јави ангел од небото и Го поткрепуваше.
44 Па, бидејќи се наоѓаше во внатрешна борба, поусрдно се молеше, а потта Му беше како капки крв, што паѓаа на земјата.
45 Штом стана од молитвата, дојде кај учениците Свои и ги најде заспани од тага.