41 И Тој се одвои од нив, колку камен што може да се дофрли, па откако ги преклони колената и се молеше,
42 велејќи: „Оче, кога би сакал да ја тргнеш оваа чаша од Мене! Но нека не биде мојата волја, туку Твојата!“
43 И му се јави ангел од небото и Го поткрепуваше.
44 Па, бидејќи се наоѓаше во внатрешна борба, поусрдно се молеше, а потта Му беше како капки крв, што паѓаа на земјата.
45 Штом стана од молитвата, дојде кај учениците Свои и ги најде заспани од тага.
46 И им рече: „Зошто спиете? Станете и молете се за да не паднете во искушение!“
47 И уште додека Тој зборуваше, ете, се појави мноштво луѓе и еден од Дванаесетмината, наречен Јуда, одеше пред нив; и Му пријде на Исус да Го целива. Зашто таков знак им беше дал: „Кого ќе Го целивам, Тој е.“