52 А на првосвештениците и храмовните управници и на старешините, што беа дошле против Него, Исус им рече: „Како на разбојник ли сте излегле со мечеви и стапови за да Ме фатите?
53 Секој ден бев со вас во храмот и не кренавте рака на Мене, но сега е вашето време и власта на темнината.“
54 И кога Го фатија, Го поведоа и воведоа во домот на првосвештеникот. А Петар оддалеку одеше по Него.
55 Кога запалија оган насреде дворот и седнаа заедно, седна и Петар меѓу нив.
56 А една слугинка, штом го виде како седи покрај огнот, погледна на него и рече: „И овој беше со Него!“
57 Но тој се одрече од Него, велејќи: „Жено, не Го познавам!“
58 Малку потоа го виде еден друг и рече: „И ти си од нив!“ Но Петар му рече: „Човеку, не сум!“