54 И кога Го фатија, Го поведоа и воведоа во домот на првосвештеникот. А Петар оддалеку одеше по Него.
55 Кога запалија оган насреде дворот и седнаа заедно, седна и Петар меѓу нив.
56 А една слугинка, штом го виде како седи покрај огнот, погледна на него и рече: „И овој беше со Него!“
57 Но тој се одрече од Него, велејќи: „Жено, не Го познавам!“
58 Малку потоа го виде еден друг и рече: „И ти си од нив!“ Но Петар му рече: „Човеку, не сум!“
59 А кога мина време околу еден час, еден друг човек почна да тврди, зборувајќи: „Навистина, и овој беше со Него, зашто е Галилеец!“
60 Но Петар рече: „Човеку, не знам што зборуваш!“ И одеднаш, уште додека говореше, запеа петел.