12 Но Петар стана и отиде бргу до гробот, па кога се наведна, го виде внатре само повојот. И се врати, чудејќи се сам во себе заради она што се случило.
13 Во истиот ден двајца од нив одеа во едно село, по име Емаус, кое беше оддалечено од Ерусалим шеесет стадии.
14 И зборуваа меѓу себе за сите овие настани.
15 И додека разговараа и се расправаа еден со друг, Самиот Исус се приближи и одеше со нив;
16 но очите им се замрежија за да не Го познаат.
17 А Тој им рече: „Какви се тие зборови што ги разменувате меѓу себе одејќи и зошто сте нажалени?“
18 Едниот од нив, по име Клеопа, Му одговори и рече: „Единствен туѓинец ли си ти во Ерусалим, та не си разбрал што се случи во него овие дни?“