27 А потоа излезе Исус и виде еден цариник, по име Левиј, кој седеше во царинарницата, и му рече: „Врви по Мене!“
28 Тој остави сѐ, стана и тргна по Него.
29 И во својот дом Левиј Му приготви голема гозба; а таму имаше многу цариници и други што седеа на трпезата со нив.
30 Книжниците нивни и фарисеите негодуваа против Него и им говореа на учениците Негови: „Зошто со цариници и грешници јадете и пиете?“
31 Исус им одговори и рече: „Здравите немаат потреба од лекар, туку болните;
32 не сум дошол да ги повикам праведните на покајание, туку грешните.“
33 А тие Му рекоа: „Зошто учениците Јованови постат често и се молат, како и фарисејските, а Твоите јадат и пијат?“