35 Туку вие љубете ги непријателите ваши и чинете добро, и на заем давајте, не очекувајќи ништо. Така, ќе биде голема наградата ваша и ќе бидете синови на Севишниот; зашто Тој е добар кон неблагодарните и кон лошите.
36 И така, бидете милосрдни како што е милосрден вашиот Отец.“
37 „Не судете и нема да бидете судени, и не осудувајте, за да не бидете осудени; проштевајте и ќе ви биде простено;
38 давајте и ќе ви се даде: мерка добра, набиена, натресена и преполна ќе ви дадат во пазувите ваши; зашто со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери.“
39 И им кажа парабола: „Може ли слеп да води слеп? Зарем нема и обајцата да паднат во јама?
40 Нема ученик поголем од својот учител; но секој што ќе се усоврши, ќе биде како и учителот негов.
41 И зошто ја гледаш раската во окото на својот брат, а гредата во своето око не ја забележуваш?