Лука 8:19-25 MK2006D

19 Дојдоа кај Него мајка Му и браќата Негови, и не можеа да пријдат до Него поради народот.

20 И Му јавија, велејќи: „Мајка Ти и браќата Твои стојат надвор и сакаат да Те видат.“

21 А Тој им одговори и рече: „Мојата мајка и Моите браќа се оние што го слушаат словото Божјо и го исполнуваат.“

22 Еден ден влезе Тој во кораб со учениците Свои и им рече: „Да минеме на другата страна од езерото!“ И појдоа.

23 Додека пловеа, Тој заспа. А над езерото се појави бурен ветар, водата навлегуваше и тие беа во опасност.

24 Пристапија и Го разбудија, говорејќи: „Учителе, Учителе, загинуваме!“ А Тој, штом се разбуди, им заповеда на ветрот и на водните бранови; и тие се смирија и настана тишина.

25 И им рече: „Каде е верата ваша?“ А тие се уплашија и се чудеа, велејќи си еден на друг: „Кој е Овој што и на ветровите и на водата им заповеда и Го слушаат?“