2 и некои жени што беа излекувани од демони и болести: Марија, наречена Магдалена, од која беа излегле седум демони;
3 и Јоана, жената на Хуза, настојникот Иродов, и Сусана, и многу други, кои им служеа со своите имоти.
4 А кога се насобра многу народ, и кога жителите од секој град доаѓаа кај Него, рече во парабола:
5 „Излезе сејач да сее семе. Додека сееше, едно падна покрај пат и беше изгазено, и птиците небески го исколваа;
6 а друго падна на камен, па штом никна, се исуши, зашто немаше влага;
7 едно, пак, падна меѓу трње; и израсна трњето, па го задуши;
8 а друго падна на добра земја, и кога изникна, донесе стократен плод.“ Откако го рече ова, извика: „Кој има уши да слуша, нека чуе!“