40 А кога се врати Исус, народот Го пресретна, зашто сите Го очекуваа.
41 И ете, дојде еден човек, по име Јаир, кој беше управник на синагогата. Тој падна пред нозете Исусови, и Го молеше да влезе во домот негов,
42 зашто имаше една единствена ќерка на дванаесет години и таа умираше. А кога одеше Исус, народот се туркаше во Него.
43 И една жена, која боледуваше дванаесет години од крвотечение, и сиот свој имот го беше потрошила по лекари, а ниеден не можел да ја излекува,
44 пристапувајќи одзади, се допре до крајот на Неговата облека и наеднаш ѝ престана крвотечението.
45 И рече Исус: „Кој се допре до Мене?“ А бидејќи сите порекнуваа, Му рече Петар и оние што беа со Него „Учителе, народот Те опколил и Те притиска, а прашуваш: ‚Кој се допре до Мене?‘“
46 Но Исус рече: „Некој се допре до Мене, зашто сетив дека излезе сила од Мене.“