11 Но народот штом разбра – тргна по Него. И кога ги прими, им зборуваше за царството Божјо, и ги лекуваше оние што имаа потреба од лекување.
12 А денот почна да намалува. И пријдоа до Него Дванаесетмината и Му рекоа: „Отпушти го народот да оди по околните села и колиби на ноќевање и да си најде храна; зашто овде сме во пусто место.“
13 Но Тој им рече: „Дајте им вие да јадат!“ Тие одговорија: „Ние немаме повеќе од пет леба и две риби, освен ако отидеме и купиме храна за сите овие луѓе.“
14 А луѓето беа околу пет илјади. Но Тој им рече на учениците Свои: „Кажете им да поседнат во групи по педесет.“
15 И направија така, и ги поредија сите.
16 А Тој, кога ги зеде петте леба и двете риби, погледна кон небото, ги благослови, ги раскрши и им ги даде на учениците за да ги стават пред народот.
17 И јадеа, и се наситија сите; и кренаа од останатите парчиња дванаесет кошеви.