35 И дојде глас од облакот, кој велеше: „Овој е Мојот возљубен Син; Него послушајте Го!“
36 А кога се чу тој глас, Исус беше останал сам. И тие премолчаа и никому ништо не кажаа во тоа време за она што беа виделе.
37 А на другиот ден, додека се симнуваа од гората, Му доаѓаше во пресрет многу народ.
38 И ете, некој од народот извика: „Учителе, Ти се молам, погледни на мојот син, зашто ми е единец!
39 Духот одненадеж го зграпчува и ете, тој почнува да вриска. Го растргнува толку силно, што тој се запенува, и откако многу ќе го измачи, одвај го пушта.
40 Ги помолив учениците Твои да го истераат, но тие не можеа.“
41 Одговори Исус и рече: „О, роде безверен и развратен! До кога ќе бидам со вас и до кога ќе ве трпам? Доведи го синот твој тука!“