2 Летописи 10:5-11 MKB

5 Тој им одговори: „По три дни дојдете пак кај мене.” И народот си отиде.

6 Тогаш царот Ровоам се посоветува со старците, кои му служеа на неговиот татко Соломон додека беше жив, и ги праша: „Што советувате да му одговорам на овој народ?”

7 А тие му одговорија: „Ако ги исполниш барањата на тие луѓе, ако им бидеш благонаклонет и ако им одговориш со убави зборови, тие ќе ти бидат слуги секогаш.”

8 Но тој го отфрли советот што му го дадоа старците, и се посоветува со помладите, кои порастеа со него и му беа во служба.

9 Ги праша: „Што советувате да му одговорам на овој народ, кој ми рече: ‘Олесни ни го бремето што ни го наметна твојот татко!’”

10 Младите, кои беа порасле со него, му одговорија: „На народот кој ти рече: ‘Твојот татко ни наметна бреме, а ти олесни ни го’ одговори му вака: ‘Мојот мал прст е подебел од бедрата на мојот татко!

11 И така, мојот татко ви наметна тешко бреме, а јас ќе го зголемам вашето бреме; мојот татко ве казнуваше со камшици, а јас ќе ве бијам со камшици со железни штипци.’”