1 Тогаш сиот јудејски народ го зеде Озиј, кому му беа шеснаесет години, и го зацарија на местото на неговиот татко Амасиј.
2 Тој пак го изгради Елот, враќајќи и го на Јудеја, откако царот почина при своите татковци.
3 На Озиј му беа шеснаесет години кога се зацари, а царуваше педесет и две години во Ерусалим. Мајка му се викаше Ехолија, а беше од Ерусалим.
4 Правеше што е право во Господвите очи, сосем како и неговиот татко Амасиј.
5 Го бараше Бога за време на животот на Захариј, кој го учеше на Божји страв; додека го бараше Господа, Бог му даваше среќа.
6 Тој излезе и завојува против Филистејците, ги разурна ѕидовите на Гат, ѕидовите на Јавна и ѕидовите на Азот; соѕида градови по Азот и по Филистеја.
7 Бог му помагаше против Филистејците и против Арабјаните, кои живееја во Гур-Вал, и против Маонците.
8 Амонците му даваа данок на Озиј, а неговиот глас се разнесе до Египет, зашто се беше засилил многу.
9 Озиј изгради стражарници во Ерусалим кај Аглената Врата и кај Долинската Врата, и на аголот, та ги укрепи.
10 Изгради стражарници во пустината и ископа многу кладенци, зашто имаше многу добиток и во Шефел и по Рамницата, орачи и лозари во горите и на Кармил, зашто го сакаше земјоделството.
11 Озиј имаше војска вешта за бој, која одеше во војна во чети според бројот како што го изброи тајникот Јемал и настојникот Масиј под управата на Ананиј, еден од царевите кнезови.
12 Вкупно имаше на број, семејни главатари, храбри јунаци; две илјади и шест стотини.
13 Под нивна управа беше силна војска од триста седумдесет илјади и пет стотини за бој вешти војници за да му помагаат на царот против непријателите.
14 Озиј и направи на својата војска штитови, копја, кациги, оклопи, лакови и камења за праќките.
15 Направи во Ерусалим вешто измислени бојни справи, пронајдок на градител, за да стојат на стражарниците и на аглите на тврдините, да фрлаат стрели и големи камења; името му се чу надалеку, зашто уживаше чудесна помош сè додека не се засили.
16 Но кога се засили, срцето му се возгордеа многу што се расипа, та му изневери на Господа, својот Бог, зашто влезе во Господовиот Храм, и почна да принесува темјан на кадилниот жртвеник.
17 Ама по него влезе свештеникот Азариј и со него осумдесет Господви свештеници, чесни луѓе.
18 Тие му се спротивија на царот велејќи: „Не е твое Озиј, да му кадиш на Господа, туку тоа е должност на свештениците, на Ароновите синови, кои се посветени за да кадат. Излегувај од Светилиштето! Постапи незаконски и не ти служи на чест пред Господа Бога!”
19 Тогаш Озиј се расрди држејќи ја во раката кадилницата за да кади; кога се расрди на свештениците, му избувна лепра на челото пред свештениците во Господовиот Дом покрај кадилниот жртвеник.
20 Кога свештеничкиот главатар Азариј и сите свештеници го погледнаа одблизу, а тоа ете, му излегла лепра на челото; бргу го избркаа оттаму, а и тој самиот посака да излезе, зашто Господ го удри.
21 Царот Озиј остана лепрозен до смртта, и живееше во посебна куќа, зашто беше отстранет од Господовиот Дом; неговиот син Јотам беше управител на царскиот дворец и му судеше на народот на земјата.
22 Другите Озиеви дела, од првите до последните, ги опиша Амосовиот син пророкот Исаија.
23 Озиј почина, и го погребаа покрај неговите татковци во полето крај царската гробница, велејќи: „Лепрозен е.” На неговото место се зацари син му Јотам.