2 Летописи 17 MKB

1 Тогаш на неговото место се зацари син му Јосафат; тој ја покажа својата сила против Израел.

2 Ја размести војската по сите утврдени јудејски градови и постави намесници по Јудејската Земја и по Ефремовите градови, кои ги беше зазел неговиот татко Аса.

3 Господ беше со Јосафат, зашто одеше по правите патишта на својот татко Давид и не ги побара Вааламите.

4 Го бараше Бога на своите татковци и одеше според Неговите заповеди не правејќи како Израелевите синови.

5 Затоа Господ го зацврсти царството во неговата рака, па сите Јудејци му даваа данок на Јосафата, така што придоби големо богатство и слава.

6 Неговото срце се охрабруваше на Господовите патишта, па ги отстрани уште и високите места и ашерите од Јудеја.

7 Во третата година на царувањето ги испрати кнезовите Вен-Хаил, Овадиј, Захариј, Натанаил и Михеј за да учат по јудејските градови.

8 И со нив левитите: Семај, Натаниј, Зевадиј, Асаил, Семирамот, Јонатан, Адониј, Товиј и Тов-Адониј; а со нив свештениците Елисам и Јорам.

9 Поучуваа по Јудеја носејќи го со себе Свитокот на Господовиот Закон и ги обиколуваа сите јудејски градови, учејќи го народот.

10 Господовиот страв ги опфати сите земни царства околу Јудеја, така што не смееја да завојуваат против Јосафат.

11 Некои Филистејци сами му донесуваа дарови и данок во сребреници, а Арабјаните му донесуваа ситен добиток: по седум илјади и седум стотини овни и седум илјади и седум стотини јарци.

12 Така Јосафат напредуваше сè повеќе додека не стана многу голем. Изгради во Јудеја стражарници и градови - складишта.

13 Имаше многу работи во јудејските градови, а храбри јунаци во Ерусалим.

14 Еве го нивниот попис според семејствата: од Јудиното племе илјадниците: началникот Адна и со него триста илјади храбри јунаци;

15 до него началникот Јоанан и со него двеста и осумдесет илјади;

16 по него Зихриевиот син Амасиј, кој се стави подготвено во Господова служба, со двеста илјади храбри јунаци.

17 Од Венијаминовото племе: храбриот јунак Елијад и со него двеста илјади луѓе вооружени со лак и со штит;

18 по него Јозавед и со него сто и осумдесет илјади готови за бој.

19 Тоа се оние кои му служеа на царот, не броејќи ги оние што царот ги имаше наместено во тврдите градови по сета Јудеја.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36