2 Летописи 23 MKB

1 Во седмата година Јодај се зајакна и почна да бара стотници: Јеровоамовиот син Азариј, Јоанановиот син Исмаил, Овидовиот син Азариј, Адаевиот син Масиј, Зихриевиот син Елисафат, и склучи со нив сојуз.

2 Почнаа да обиколуваат по Јудеја, и ги собраа левитите од сите јудејски градови и семејните главатари во Израел, та дојдоа во Ерусалим.

3 Сиот собор склучи сојуз со царот во Божјиот Дом. Јодај им рече: „Ете, царевиот син ќе царува, како што вети Господ за Давидовите синови.

4 Еве што треба да направите: третината од вас што во сабота влегувате во служба, и свештениците и левитите, нека бидат вратари при праговите;

5 третината нека биде во царскиот дворец, третината на Есодската Врата, сиот народ во тремовите на Господовиот Дом.

6 Никој нека не влегува во Господовиот Дом освен свештениците и левитите кои служат; тие нека влегуваат, зашто се посветени. Сиот народ нека ја пази Господовата наредба.

7 Левитите нека го опкружат царот, секој со оружје во раката, и кој ќе се обиде да влезе во Домот, нека биде погубен. Бидете покрај царот каде и да тргне или да излезе.”

8 Левитите и сиот јудејски народ направија сè онака како што нареди свештеникот Јодај. Секој ги зеде своите луѓе, кои во сабота влегуваа во служба со оние кои излегуваа во сабота. Зашто свештеникот Јодај не ги распушти редовите.

9 Свештеникот Јодај им ги даде на стотниците копјата, штитовите и оклопите на цар Давид што беа во Божјиот Дом.

10 Го постави сиот народ, секого со копје во раката, од јужната до северната страна на Домот, спроти жртвеникот и спроти Домот околу царот наоколу.

11 Тогаш го изведоа царевиот син, му ставија венец на главата, му дадоа Сведоштво и го помазаа за цар. Тогаш Јодај и неговите синови извикаа: „Да живее царот!”

12 Кога Готолија ја чу викотницата на народот, кој се собрал и го фалел царот, дојде кај народот во Господовиот Дом.

13 Погледна подобро, кога ете, царот стои на своето место при влезот, а пред царот заповедници и свирачи; сиот народ воскликнува од радост и труби во труби, певците пеат покрај свирките и ги предводат пеењата. Тогаш Готолија ја раскина облеката и извика: „Предавство, предавство!”

14 Свештеникот Јодај им нареди на стотниците и на воените заповедници: „Изведете ја низ редовите надвор, и кој ќе тргне по неа, погубете го со меч!” Уште свештеникот додаде: „Немојте да ја погубите во Господовиот Дом!”

15 Ставија раце на неа, и кога низ Коњската Врата стигна до царскиот дворец, таму ја погубија.

16 Тогаш Јодај склучи Завет меѓу Господа, народот и царот, за да биде народот Господов.

17 Потоа сиот народ отиде во Вааловото капиште, го разурна заедно со жртвениците и ги искрши ликовите; го убија вааловиот свештеник Матан пред жртвениците.

18 Потоа Јодај постави стражи кај Господовиот Дом под надгледување на свештениците и левитите, кои Давид ги имаше распределено за служба во Господовиот Дом, за да Му принесуваат на Господа паленици како што е напишано во Мојсеевиот Закон, со веселба и со песни, како што одреди Давид.

19 Постави и вратари при вратите на Господовиот Дом, за да не влегува човек нечист од што и да е.

20 Откако ги зеде стотниците, благородниците и началниците на луѓето, и сиот народ, го изведе царот од Господовиот Дом, а тогаш влегоа низ Горната Врата во царскиот дворец и го поставија царот на царскиот престол.

21 Сиот народ се веселеше а градот се смири, зашто ја убија Готолија со меч.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36