1 Соломон науми да изгради Дом - еден на Господовото Име, а вториот за себе за царски дворец.
2 Изброи седумдесет илјади носачи, осумдесет илјади каменоделци во гората и три илјади и шест стотини надгеледувачи.
3 Тогаш му ја испрати оваа порака на Хирам, тирскиот цар: „Како што му праќаше на татака ми Давид кедри за да гради дом каде ќе живее, така стори ми и мене.
4 Наумив да Му подигнам Дом на Името на Господа, својот Бог, и да Му го посветам, за да се дига пред Него благомирисен темјан, за да се поставуваат секогаш лебови, за да се принесуваат паленици наутро и навечер, во саботите, во деновите на млад месец и во празниците на Господа, нашиот Бог; и така да остане засекогаш во Израел.
5 Домот што ќе го изградам ќе биде голем, зашто нашиот Бог е поголем од сите богови.
6 Та кој би имал достатно сила за да Му создаде Дом кога не можат да Го опфатат ни небесата ни небесата над небесата? И кој сум јас за да Му ѕидам Дом, освен затоа за да Му се издига кадеж пред лицето?
7 Испрати ми човек вешт во обработка на злато, сребро, бронза, железо, црвено сукно, сино и љубичесто, и вешт во уметноста на копаничарство; ќе работи со ракотворците кај мене во Јуда и во Ерусалим, со оние што ми ги остави мојот татко Давид.
8 Испрати ми од Ливан кедри, чемпреси и алгуми, зашто знам дека твоите слуги умеат да ги сечат ливанските дрва. Моите слуги ќе работат со твоите.
9 Ќе треба да ми подготват многу дрва, зашто куќата што мислам да ја градам ќе биде многу голема и величествена.
10 На дрвосечачите што ќе ги оборуваат дрвата им давам дваесет илјади кори пченица, дваесет илјади кори јачмен, дваесет илјади вати вино и дваесет илјади вати масло, за издржување на твоите слуги.”
11 Хирам, тирскиот цар, одговори со писмо што му го испрати на Соломона: „Затоа што Го љуби Својот народ, Господ те зацари над него.”
12 Го додаде уште и ова: „Господ, Израелевиот Бог, Кој ги создаде небесата и земјата, нека те благослови! Тој му даде на царот Давид мудар, умен и разумен син кој ќе гради еден Дом за Господа, а вториот за себе за да царува од него.
13 Затоа ти праќам мудар, вешт и разумен човек, Хирам Авив,
14 син на една Дановите ќерки и на татко Тирец. Умее да обработува злато, сребро, бронза, железо, камен, дрво, црвено сукно, љубичеста свилена ткаеница, тенко платно и отворено-црвено сукно, умее да реже секакви копаничарства и да замисли секакво дело што ќе му се довери. Тој ќе работи со твоите уметници и со уметниците на мојот господар Давид, твојот татко.
15 И така, сега мојот господар нека им испрати на своите слуги пченица, јачмен, масло и вино како што вети.
16 А ние ќе насечеме стебла од Ливан колку што ти треба, и ќе ги довеземе на сплавови по море во Јафа, а ти превези ги горе во Ерусалим.”
17 Соломон ги преброи сите странци кои се затекнаа во Израелевата Земја по пописот што го беше спровел неговиот татко Давид, и ги најде сто педесет и три илјади и шест стотини.
18 Од нив одреди седумдесет илјади носачи, осумдесет илјади каменоделци во планината, три илјади и шест стотини луѓе за да управуваат со работата на народот.