2 Летописи 33 MKB

1 На Манасиј му беа дванаесет години кога се зацари. Царуваше педесет и пет години во Ерусалим.

2 Правеше што е зло во Господовите очи, поведувајќи се по гнасностите на народите што Господ ги протера пред Израелевите синови.

3 Ги обнови високите места што им ги имаше оборено татко му Езекија, му подигна жртвеник на Ваал , направи ашери и почна да и се клања на сета небеска војска и да и служи.

4 Подигна жртвеници и во Господовиот Дом, за кого Господ беше рекол: „Во Ерусалим ќе престојува Моето Име засекогаш.”

5 изгради жртвеници на сета небеска војска и во обата преддворја на Господовиот Дом.

6 И своите синови ги преведе низ оган во долината на Еномовиот син. Вражаше, гаташе, маѓепсуваше, создаде бајачи и повикувачи на мртви, и воопшто направи премногу зло во Господовите очи разгневувајќи Го.

7 Направи кип на божество, и го постави во Божјиот Дом, за кого Бог им беше рекол на Давида и на неговиот син Соломон: „Во овој Дом и во Ерусалим, што го избрав меѓу сите израелски племиња, ќе го поставам Своето Име довека.

8 Не ќе давам веќе ногата на Израелците да се повлече од земјата што им ја дадов во наследство на вашите татковци, само ако пазат и ако спроведуваат во дело сè што им заповедав: сиот Закон, одредбите и обичаите дадени преку Мојсеј.”

9 Но Манасиј ги заведе Јудејците и ерусалимците та правеа уште полошо од народите што Господ ги откорна пред Израелевите синови.

10 Господ ги опоменуваше Манасиј и неговиот народ, но тие не послушаа.

11 Затоа Господ ги доведе против нив военачалниците на асирскиот цар. Го фатија Манасиј со куки, го врзаа во двојни железни вериги и го одведоа во Вавилон.

12 Кога се најде во неволја, почна да Му се моли за милост на Господа, својот Бог, длабоко се покаја пред Бога на татковците.

13 Се молеше и Бог му се смилува те го послуша неговото просење и го врати во Ерусалим во царството. Тогаш Манасиј созна дека Господ е Бог.

14 Потоа го изгради надворешниот ѕид на Давидовиот Град западно од Гион, од долината на Рибната Врата, и го препаша со ѕид Офил, изведувајќи го мошне високо. Постави военачалници во сите утврдени градови во Јуда.

15 Освен тоа ги отстрани од Господовиот Дом туѓинските богови, оној вајан кип и сите жртвеници што ги имаше изградено на гората на Господовиот Дом и во Ерусалим и сите ги фрли надвор од градот.

16 Потоа пак го подигна Господовиот жртвеник и жртвуваше врз него помирителни жртви и благодарници. Им заповеда и на Јудејците да му служат на Господа, Израелевиот Бог.

17 Сепак народот уште жртвуваше по високите места, но само на Господа, на својот Бог.

18 Другите Манасиеви дела, и неговата молитва кон Бога, зборовите што му ги кажуваа гледачите во Името на Господа, Израелевиот Бог, се запишани во книгата на израелските цареви.

19 Неговата молитва, и како беше послушан, сите негови гревови и неговите беззаконија, и местата на кои изгради високи места, подигна ашери и кипови пред да се понижи - сето тоа е запишано во книгата на Хозај.

20 Тогаш Манасиј почина покрај своите татковци. Го погребаа во дворецот. На неговото место се зацари син му Амон.

21 На Амона му беа дваесет и две години кога се зацари, а царуваше две години во Ерусалим.

22 Правеше што е зло во Господовите очи, како и татко му Манасиј, зашто тој им принесуваше жртви и им служеше на сите кипови на божествата што ги имаше направено неговиот татко Манасиј.

23 Но не се смири пред Господа како што се смири татко му Манасиј, туку уште и ја умножи својата вина.

24 Тогаш неговите слуги се заверија против него и го убија во домот негов.

25 Ама простиот народ ги погуби сите оние кои се заговорија против царот Амон и на неговото место го зацарија сина му Јосиј.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36