2 Летописи 18 MKB

1 Јосафат придоби големо богатство и слава, та се спријатели со Ахав.

2 По неколку години дојде кај Ахава во Самарија. Ахав закла многу ситен добиток и говеда за него и за луѓето што беа со него, и го наговоруваше да тргне против Галадскиот Рамот.

3 Израелскиот цар Ахав го праша јудејскиот цар Јосафат: „Сакаш ли да тргнеш со мене против Галадскиот Рамот?” Тој одговори: „Јас сум како и ти, мојот народ е како и твојот, ќе дојдеме со тебе на војна.”

4 Јосафат уште му рече на израелскиот цар: „Де, посоветувај се пред тоа со Господа!”

5 Тогаш израелскиот цар ги собра пророците, нив четири стотини, и ги праша: „Дали да завојуваме против Галадскиот Рамот или да се откажеме од тоа?” Тие одговорија: „Оди, зашто Бог ќе му го предаде во рацете на царот.”

6 Но Јосафат праша: „Има ли тука уште некој Господов пророк да го прашаме и него?”

7 Израелскиот цар му одговори на Јосафата: „Има уште еден човек преку кого би можеле да Го прашаме Господа, но го мразам, зашто не ми пророкува добро, туку секогаш само зло, тоа е Михеј, синот Емлин.” Јосафат рече: „Царот нека не зборува така!”

8 Тогаш израелскиот цар повика еден дворјанец и му рече: „Бргу доведи го Емлиниот син Михеј!”

9 Израелскиот цар и јудејскиот цар Јосафат седеа секој на својот престол, во свечени облеки, на гумното пред Самариската Врата, а пророците пророкуваа пред нив.

10 Ханановиот син Седекиј си направи железни рогови и рече: „Господ вели вака: ‘Со нив ќе ги бодеш Арамејците додека не ги сотреш.’”

11 Така пророкуваа и сите други пророци велејќи: „Оди против Галадскиот Рамот, ќе успееш: Господ ќе го предаде во рацете на царот.”

12 Гласникот кој отиде да го вика Михеја му рече: „Еве, сите пророци сложно му пророкуваат добро на царот. Зборувај и ти како еден од нив и проречи му успех!”

13 Но Михеј одговори: „Живиот ми Господ, ќе зборувам она што ќе ми каже Бог!”

14 Кога дојде пред царот, царот го праша: „Михеј, да тргнам ли во војна против Галадскиот Рамот или да се откажам од тоа?” Тој одговори: „Одете и ќе успеете, зашто ќе ви бидат предадени во рацете!”

15 Тогаш царот му рече: „Колку пати ќе те заколнувам за да ми ја кажеш вистината во Господово Име?”

16 Тогаш Михеј одговори: „Го гледам сиот Израел распрснат по горите како стадо без пастир. И Господ вели: ‘Немаат веќе господар, нека се вратат дома во мир!’”

17 Тогаш израелскиот цар му рече на Јосафата: „Нели ти реков дека нема да ми прорече добро, туку зло?”

18 А Михеј рече: „Затоа чујте го Господовото слово: Го видов Господа како седи на Својот престол, а сета небеска војска му стоеше оддесно и одлево.

19 Господ праша: ‘Кој ќе го заведе израелскиот цар Ахав за да отиде и да падне во Галадскиот Рамот?’ Еден рече ова, друг рече она.

20 Тогаш влезе еден дух, застана пред Господа и рече: ‘Јас ќе го заведам!’ Господ го праша: ‘Како?’

21 Тој одговори: ‘Ќе излезам и ќе бидам лажлив дух во устите на сите негови пророци.’ Господ му рече: ‘Ти ќе го заведеш. И ќе успееш. Оди и направи така!’

22 Еве, така Господ стави лажлив дух во устите на твоите пророци; но Господ ти навестува зло.”

23 Тогаш Ханановиот син Седекиј пристапи и го удри Михеја по образот, прашајќи: „Зар Господовиот Дух ме напушти мене, за да би зборувал со тебе?”

24 Михеј одговори: „Ќе видиш во оној ден кога ќе бегаш од соба во соба, за да се скриеш.”

25 Тогаш израелскиот цар нареди: „Фатете го Михеја и одведете го кај градскиот заповедник Амон и кај царскиот син Јоас.

26 Речете им: ‘Царот вели вака: „Фрлете го овој во темница и држете го на сув леб и вода додека не се вратам во мир.”‘“

27 Михеј рече: „Ако навистина се вратиш во мир, тогаш Господ не зборуваше преку мене!” И додаде: „чујте сите народи!”

28 Израелскиот цар и јудејскиот цар тргнаа против Галадскиот Рамот.

29 Израелскиот цар му рече на Јосафата: „Јас ќе се преоблечам и тогаш ќе влезам во бој, а ти остани во твојата облека!” Тогаш израелскиот цар се преоблече, и тие тргнаа во бој.

30 Арамејскиот цар им нареди на заповедниците на бојните коли: „Не удирајте ни на мал ни на голем, туку само на израелскиот цар!”

31 Кога заповедниците на бојните коли го здогледаа Јосафата, рекоа: „Тоа е израелскиот цар!” И тргнаа против него да удрат. Но Јосафат извика за помош, та Господ му помогна и ги одврати од него.

32 Кога заповедниците на бојните коли видоа дека тоа не е израелскиот цар, се свртија од него.

33 Еден случајно го оптегна својот лак и го рани израелскиот цар меѓу наборот на појасот и оклопот. Царот му рече на возачот: „Тргни ја уздата и изведи ме од бојот, зашто сум ранет.”

34 Во оној ден бојот беше сè пожесток, ама израелскиот цар се држеше простум во бојната кола спроти Арамејците сè до вечерта и умре при зајдисонце.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36