2 Летописи 16 MKB

1 Во триесет и шестата година на Асиното царување, израелскиот цар Васа навали на Јудеја и почна да ја утврдува Рама, за да го спречи секое движење кон јудејскиот цар Аса.

2 Тогаш Аса зеде сребро и злато од сокровиштето на Господовиот Дом и од царскиот дворец и му ги испрати на арамејскиот цар Вен-Адад, кој престолуваше во Дамаск, и му порача:

3 ”Сојуз нека биде меѓу мене и тебе, како што беше меѓу мојот и твојот татко; еве, ти праќам за дар сребро и злато, ајде, раскини го сојузот со израелскиот цар Васа, за да си отиде од мене.”

4 Вен-Адад го послуша царот Аса и ги испрати своите војсководачи против израелските градови, та тие ги покорија Ијон, Дан, Авел-Мајин и сите Нефталимови градови во кои имаше складишта.

5 А кога Васа научи за тоа, прекрати да ја утврдува Рама, и ја запре работата.

6 Тогаш царот Аса ги повика сите Јудејци, и тие ги однесоа камењата и дрвата со кои Васа ја утврдуваше Рама, па со тоа ги утврдија Гаваја и Миспа.

7 Во тоа време дојде гледачот Ананиј кај јудејскиот цар Аса и му рече: „Бидејќи се потпре врз арамејскиот цар, а не се потпре на Господа, својот Бог, војската на арамејскиот цар ти се извлече од раката.

8 Немаа ли Етиопците и Либијците силни чети со мошне многу коли и коњаници? Па кога се потпре врз Господа, ти ги предаде во рацете.

9 Зашто Господ гледа со своите очи по целата земја, за да се охрабрат оние на кои срцето им е искрено кон Него. Работеше безумно во тоа, затоа отсега ќе се дигаат војни против тебе.”

10 Тогаш Аса се разгневи на гледачот и го фрли во темница, зашто се разјари на него. Во тоа време Аса угнети и некои од народот.

11 И ете, Асините дела, од првото до последното, се запишани во книжниот свиток за јудејските и израелските цареви.

12 Се разболе во триесет и деветтата година на царувањето, од нозете, та болеста му се влоши многу, но ни во болеста не Го бараше Господа, туку лекари.

13 Така Аса почина со своите татковци и умре во четириесет и првата година на своето царување.

14 Го погребаа во гробницата, што ја имаше ископано за себе, во Давидовиот Град и го положија на одар, што го имаше наполнето со мириси и масти, приготвени со аптекарска вештина, и му ги спалија мошне многу.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36