2 Летописи 20 MKB

1 Потоа Моавовите и Амоновите синови, а со нив и некои од Меунците, завојуваа против Јосафат.

2 Ама Јосафат ја доби оваа вест: „Против тебе доаѓа големо мноштво од онаа страна на морето, од Едом; и ене го во Асасон Тамара, односно во Ен Гад.”

3 Јосафат се исплаши и почна да Го бара Господа, та прогласи пост по сета Јудеја.

4 Јудејците се собраа да Го бараат Господа: доаѓаа од сите јудејски градови за да Го бараат.

5 Тогаш Јосафат стана во јудејскиот собор во Ерусалим, во Господовиот Дом, пред новиот двор,

6 и рече: „Господи, Боже на нашите татковци, Ти си Бог на небото и владееш над сите кривобожечки царства. Во Твојата рака се таква сила и јачина така што никој не може да се додржи пред Тебе.

7 Ти, о Боже наш, ги истера жителите на оваа земја пред Својот Израелски народ и му ја даде засекогаш на потомството на Својот пријател Авраам;

8 и се населија во неа и Му изградија во неа Светилиште на Твоето Име, велејќи:

9 ’Кога ќе навали врз нас некакво зло, одмазднички меч или помор, или глад, та кога ќе застанеме пред овој Дом и пред Тебе, зашто Твоето Име е во овој Дом, и кога ќе извикаме кон Тебе во својата неволја, послушај нè и спаси нè.’

10 Еве, сега Амоновите и Моавовите синови, и оние од Сирската Гора, преку кои не му дозволи на Израел да помине кога доаѓаше од Египетската Земја, туку ги заобиколи и не ги сотре -

11 и така, сега тие ни враќаат со зло доаѓајки да нè истераат од наследството кое Ти ни го даде.

12 О Боже, зар нема да им судиш? Зашто во нас нема сила спрема тоа големо мноштво кое доаѓа на нас, ниту ние знаеме што да правиме, туку очите ни се насочени во Тебе.”

13 Сите Јудејци стоеја пред Господа, со малите деца, со жените и со синовите.

14 Тогаш Господовиот Дух слезе сред соборот - на Јазил, синот Захариев, син на Венај, син на Јеил, син на Матаниј - Левит од Асафовите синови.

15 Тој рече: „Слушајте, сите Јудејци, Ерусалимци и ти цару Јосафате! Господ ви зборува вака: ‘Не бојте се и не плашете се од тоа големо мноштво, зашто ова не е ваша војна, туку Божја.

16 Утре слезете против нив; тие ќе се искачуваат по Асиската Нагорница, а вие ќе ги сретнете на крајот на долината кон Јеруилската Пустина.

17 Не треба да се биете; поставете се, стојте па гледајте како ќе ви помогне Господ.’ Еј Јудо и Ерусалиме, не бојте се и не плашете се; утре излезете пред нив, и Господ ќе биде со вас!”

18 Тогаш Јосафат падна ничкум на земјата, и сите Јудејци и Ерусалимци паднаа пред Господа за да Му се поклонат.

19 Потоа левитите од Катовите синови и од Кореевите синови станаа и почнаа да Го фалат со сиот глас Господа, Израелевиот Бог.

20 Поранија наутро и тргнаа кон пустината Текуј; кога излегуваа, Јосафат застана и рече: „Чујте ме, еј Јудејци и Ерусалимци, надевајте се во Господа својот Бог, и ќе се оддржите; надевајте се во Неговите пророци и ќе успеете!”

21 Потоа се посоветува со народот и ги постави Господовите пејачи и фалители, кои ќе ја слават Неговата светост и ќе одат пред вооружените чети и ќе пеат: „Славете Го Господа зашто е вечна Неговата љубов!”

22 Кога почнаа да воскликнуваат и да слават, Господ предизвика несогласност меѓу Амонците, Моавците и оние од Сирската Гора, кои излегоа против Јудеја та беа разбиени.

23 Зашто Амоновите синови и Моавците станаа против оние од Сирската Гора за да ги сотрат и уништат; а кога свршија со оние од Сир, почнаа да удираат еден на друг та се истребија.

24 Кога Јудејците дојдоа до стражарницата кон пустината и се обѕрнаа на мноштвото, а тоа ете, мртви тела лежат по земјата; никој не се спаси.

25 Тогаш Јосафат дојде со народот за да го собере пленот, и најдоа многу: секакво богатство, облеки и скапоцени предмети; се награбија толку што не можеа веќе да носат; три дни го грабаа пленот, зашто го имаше многу.

26 Во четвртиот ден се собраа во Долината на Благословот: таму Го фалеа Господа, па затоа тоа место беше наречено Емек Берака, Долина на Благослов, до денес.

27 Потоа сите Јудејци и Ерусалимци, со Јосафата на чело, се свртија за да се вратат во Ерусалим со веселба, зашто Господ ги развесели над нивните непријатели.

28 Дојдоа во Ерусалим со псалтири, со гуслиња и со труби во Господовиот Дом.

29 А Божјиот страв влезе во сите земни царства кога чуја дека Господ завојува против Израелевите непријатели.

30 Така се смири Јосафатовото царство, зашто Бог му даде мир од сите страни.

31 Јосафат царуваше над Јудејците. Му беа триесет и пет години кога се зацари; царуваше дваесет и пет години во Ерусалим; мајка му се викаше Азува, а беше ќерка Силеева.

32 Одеше по патот на Аса не свртувајќи од него, туку чинејќи што е право во Господовите очи.

33 Само, не беа отстранети високите места, зашто народот уште не го имаше насочено своето срце кон Бога на татковците.

34 Другите Јосафатови дела, од првите до последните се запишани во книгата на Ананиевиот син Јуј, и се распоредени во книжниот Свиток за израелските цареви.

35 Потоа јудејскиот цар Јосафат се здружи со израелскиот цар Охозиј, кој работеше безбожно.

36 Се здружи со него за да направат бродови и да отидат во Тарсис; направија бродови во Есион Гавер.

37 Додавовиот син Елиезер од Мариса, прорече против Јосафат: „Бидејќи се здружи со Охозиј, Господ ќе ги разурне твоите дела.” Бродовите се разбија и не можеа да отпловат во Тарсис.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36