2 Летописи 13:9-15 MKB

9 Ги истеравте Господовите свештеници, Ароновите синови и левитите, и си поставивте за себе свештеници како другите земни народи. Секој што дојде со јунец и со седум овни, им стана свештеник на вашите ништожни богови.

10 Нам ни е Бог Господ, не Го оставивме, а свештениците кои Му служат на Господа се Аронови синови и левити во својата работа.

11 Му палат на Господа жртви паленици и мирислив темјан секое утро и секоја вечер, ги ставаат лебовите на чистиот стол, и го палат секоја вечер златниот светилник со светилата; зашто ние ја пазиме наредбата на Господа, својот Бог, а вие Го оставивте.

12 Затоа, еве, нам ни се на чело Бог и неговите свештеници со гласни труби за да свират грмливо против вас. Израелеви синови, не војувајте против Господа, Бога на своите татковци, зашто не ќе имате успех!”

13 Ама Јеровоам одведе заседа за да им дојде од зад плеќи; така на Јудејците едни им беа однапред, а заседата одназад.

14 Кога Јудејците се обѕрнаа, а тоа, ете, бојот им беше однапред и одназад. Тогаш извикаа кон Господа, а свештениците почнаа да трубат во трубите.

15 Тогаш Јудејците извикаа силно, а кога почнаа да викаат, Бог ги разби Јеровоама и сиот Израел пред Авиј и пред Јудејците.