1 Потоа Авиј почина покрај своите татковци. Го погребаа во Давидовиот Град; на неговото место се зацари син му Аса. Во неговите дни земјата беше мирна десет години.
2 Аса правеше што е добро и право во очите на Господа, неговиот Бог.
3 Ги отстрани туѓинските жртвеници и високите места, ги обори столбовите и ги скрши ашерите.
4 Им нареди на Јудејците да Го бараат Господа, Бога на своите татковци, да ги пазат законот и заповедите.
5 Ги отстрани од сите јудејски градови високите места и сончевите столбови, а царството беше мирно во неговото време.
6 Изгради цврсти градови во Јудеја, зашто земјата беше мирна. Никој не завојува против него во тие години, зашто Господ му даде мир.