2 Летописи 24:14-20 MKB

14 А кога свршија сè, ги донесоа пред царот и пред Јодај сребрениците што останаа; од тоа направија посатки за Господовиот Дом, посатки за служење, за паленици, кадилници и други златни и сребрени предмети. Палениците беа принесувани во Господовиот Дом непрекратно додека живееше Јодај.

15 Тогаш Јодај, откако остаре и се насити од животот, умре во сто и триесетата година.

16 Го погребаа во Давидовиот Град кај царевите, зашто правеше добро во Израел и кон Бога и кон Неговиот Дом.

17 По Јодаевата смрт дојдоа Јудините кнезови и му се поклонија на царот. Тогаш царот почна да ги слуша.

18 Јудејците беа го оставиле Господа, Бога на татковците, и почнаа да им служат на ашерите и на ликовите; Божјиот гнев дојде на Јудејците и на Ерусалимците за таа кривица.

19 Бог им праќаше пророци за да ги обратат кон Господа, тие ги опоменуваа, но тие не сакаа да слушаат.

20 Тогаш Божјиот Дух го исполни Јодаевиот син Захариј, кој, застанувајќи повисоко од народот, рече: „Бог вели вака: ‘Зошто ги прекршувате Господовите заповеди? Зошто не сакате да бидете среќни? Како што вие го оставивте Господа, така ќе ве остави и Тој.’”