2 Летописи 26:16-22 MKB

16 Но кога се засили, срцето му се возгордеа многу што се расипа, та му изневери на Господа, својот Бог, зашто влезе во Господовиот Храм, и почна да принесува темјан на кадилниот жртвеник.

17 Ама по него влезе свештеникот Азариј и со него осумдесет Господви свештеници, чесни луѓе.

18 Тие му се спротивија на царот велејќи: „Не е твое Озиј, да му кадиш на Господа, туку тоа е должност на свештениците, на Ароновите синови, кои се посветени за да кадат. Излегувај од Светилиштето! Постапи незаконски и не ти служи на чест пред Господа Бога!”

19 Тогаш Озиј се расрди држејќи ја во раката кадилницата за да кади; кога се расрди на свештениците, му избувна лепра на челото пред свештениците во Господовиот Дом покрај кадилниот жртвеник.

20 Кога свештеничкиот главатар Азариј и сите свештеници го погледнаа одблизу, а тоа ете, му излегла лепра на челото; бргу го избркаа оттаму, а и тој самиот посака да излезе, зашто Господ го удри.

21 Царот Озиј остана лепрозен до смртта, и живееше во посебна куќа, зашто беше отстранет од Господовиот Дом; неговиот син Јотам беше управител на царскиот дворец и му судеше на народот на земјата.

22 Другите Озиеви дела, од првите до последните, ги опиша Амосовиот син пророкот Исаија.