2 Летописи 28:9-15 MKB

9 Таму имаше Господов пророк по име Одид; тој излезе пред војската што одеше во Самарија и рече: „Ете, Господ, Бог на вашите татковци, се разгневи на Јудејците и затоа ги предаде во вашите раце, та ги погуби гневно така што допре до небото.

10 А сега уште мислите да ги ставите под бреме Јудејците и Ерусалимците за да ви бидат робови и робинки; а сепак, не сте ли и вие полни со вина спрема Господа, својот Бог?

11 Затоа послушајте ме сега и вратете го тоа робје што го заробивте од своите браќа, зашто Господовиот гнев ќе се излее врз вас.”

12 Тогаш станаа некои од главатарите на Ефремовите синови, и тоа Јоанановиот син Азариј, Месилемотовиот син Варахиј и Салумовиот син Езекија, Адлаевиот син Амас, на оние што се враќаа од војската.

13 Па им рекоа: „Не доведувајте го наваму тоа робје, зашто покрај вината што е врз нас пред Господа, вие мислите да додадете уште на нашите гревови и на нашата кривица, како да не се доста нашата голема вина и јаросниот гнев на Израел.”

14 Тогаш војниците ги оставија робјето и пленот пред кнезовите и пред сиот собир.

15 Тогаш спомнатите по име луѓе станаа, ги охрабрија робовите, ги облекоа сите голи во облека од пленот; а кога ги облекоа, ги обуја, ги нахранија, ги напоија, ги намачкаа и ги поведоа на магариња сите изнемоштени, ги одведоа во палмовиот град Ерихон до нивните браќа, а потоа се вратија во Самарија.