2 Летописи 29:25-31 MKB

25 Постави во Господовиот Дом левити со кимвали, со псалтири и со гуслиња, како беше заповедал Давид, царевиот гледач Гад и пророкот Натан, зашто заповедта доаѓаше од Бога преку Неговите пророци.

26 Така левитите стоеја со Давидовите свирки, а свештениците со трубите.

27 Тогаш Езекија заповеда да ја пронесат паленицата врз жртвеникот. Кога почна принесувањето на паленицата, почна Господовата песна покрај звуците на роговите и на свиралките на израелскиот цар, Давид.

28 Сиот собор се поклонуваше, пеачите пееја, а трубите трубеа, и тоа сè додека не сврши паленицата.

29 Кога сврши принесувањето на паленицата, царот и сите кои беа со него паднаа набожно на колена и се поклонија.

30 Тогаш царот и кнезовите им заповедаа на левитите да Го фалат Господа со зборовите на Давида и на гледачот Асаф; тие почнаа да фалат со најголема веселба, паднувајќи ничкум, се поклонија.

31 Тогаш Езекија проговори: „Сега вие се посветивте на Господа; пристапете и донесете ги жртвите и благодарните приноси во Господовиот Дом.” Сиот собир донесе закланици и благодарници. Секој што имаше волно срце, принесе паленици.