15 Тогаш почнаа да ја колат Пасхата во четиринаесеттиот ден на вториот месец, а свештениците и левитите се засрамија и откако се посветија, почнаа да ги внесуваат палениците во Господовиот Дом.
16 Застанаа на своето место според правилото, според Законот на Мојсеј, Божјиот човек; свештениците прскаа со крв, примајќи ја од рацете на левитите.
17 Бидејќи имаше мнозина во соборот кои не се посветија, левитите ги колеа пасхалните јагниња за сите кои не беа чисти, за да Му ги посветат на Господа.
18 Најголемиот дел од народот, мнозина од Ефремовото и од Манасиевото, од Исахаровото и од Завулоновото племе, не се очисти, та ја јадеше Пасхата непрописно. Но Езекија се помоли за нив, велејќи: „Благиот Господ нека го очисти од грев секого,
19 кој го насочил срцето да го бара Бога Господа, Бога на своите татковци, иако не е чист како што му прилега на Светилиштето!”
20 Господ го послуша Езекија и му прости на народот.
21 Така Израелевите синови, кои се најдоа во Ерусалим, го празнуваа празникот Бесквасни лебови седум дена со голема веселба, а левитите и свештениците го фалеа Бога од ден во ден со свиралките за Господова слава.