2 Летописи 33:13-19 MKB

13 Се молеше и Бог му се смилува те го послуша неговото просење и го врати во Ерусалим во царството. Тогаш Манасиј созна дека Господ е Бог.

14 Потоа го изгради надворешниот ѕид на Давидовиот Град западно од Гион, од долината на Рибната Врата, и го препаша со ѕид Офил, изведувајќи го мошне високо. Постави военачалници во сите утврдени градови во Јуда.

15 Освен тоа ги отстрани од Господовиот Дом туѓинските богови, оној вајан кип и сите жртвеници што ги имаше изградено на гората на Господовиот Дом и во Ерусалим и сите ги фрли надвор од градот.

16 Потоа пак го подигна Господовиот жртвеник и жртвуваше врз него помирителни жртви и благодарници. Им заповеда и на Јудејците да му служат на Господа, Израелевиот Бог.

17 Сепак народот уште жртвуваше по високите места, но само на Господа, на својот Бог.

18 Другите Манасиеви дела, и неговата молитва кон Бога, зборовите што му ги кажуваа гледачите во Името на Господа, Израелевиот Бог, се запишани во книгата на израелските цареви.

19 Неговата молитва, и како беше послушан, сите негови гревови и неговите беззаконија, и местата на кои изгради високи места, подигна ашери и кипови пред да се понижи - сето тоа е запишано во книгата на Хозај.