2 Летописи 34:28-33 MKB

28 Еве, ќе те соединам со твоите татковци, и со мир ќе легнеш во гробот, за да не ја видиш сета несреќа што ќе ја навалам врз ова место и на неговите жители.”‘“ Тие му го однесоа одговорот на царот.

29 Тогаш царот испрати да ги соберат сите јудејски и ерусалимски старешини.

30 Потоа царот се искачи во Господовиот Дом, со сите Јудејци, со Ерусалимците, со свештениците, со левитите и со сиот народ, од најголемиот до најмалиот. И им ги прочита сите зборови на книжниот Свиток на Заветот, што е најден во Господовиот Дом.

31 Царот, стоејќи на своето место, го обнови пред Господа Заветот дека ќе Го следи Господа, дека ќе ги пази Неговите заповеди, поуки и одредби со сето срце и со сета душа, та да ги исполни сите зборови на Заветот, што се напишани во книжниот свиток.

32 И сите кои се најдоа во Ерусалим и Венијаминовото племе ги повика да пристапат; и Ерусалимците се прифатија за Заветот на Бога, на Бога на своите татковци.

33 Тогаш Јосиј ги отстрани сите гнасности од сите израелски краеви, и направи така што сите кои се најдоа во Ерусалим да почнат да Му служат на Господа, својот Бог. За време на сиот негов живот не отстапија од Господа, Бога на своите татковци.